„Нитка”- проект за оживување на заборавената традиција

„Нитка”- проект за оживување на заборавената традиција

Како древното занаетчиство може да преживее во современиот свет?

Реализираниот проект  „Нитка” претставуваше соработка помеѓу нашиот Кластер, студентите, дизајнерката Ирина Тошева, Здружението на жени „Цвет Крушево” (за економско јакнење на жената преку изработка на плетена облека од волна и памук), млади фотографи и графички дизајнери, со цел да ја одржиме традицијата на занаетчиството, односно споделиме знаења, вештини и размислувања на оваа тема низ нова модна призма.

Низ целиот свет, убавината и културната мудрост на вековната изработка се наоѓаат на работ на истребување. Висококвалификуваните жени занаетчии станаа „загрозени видови“, бидејќи младите генерации немаат интерес во учење на овие техники. Со реализацијата на проектот, понудивме креативен одговор на прашањето: „Како традиционалното занаетчиство може да преживее во современиот свет?“.

Учесниците во проектот „Нитка“ ѝ се претставија на јавноста со заеднички перформанс на 2-ри ноември во Музејот на Град Скопје (300 гости), во рамки на  дваесеттото јубилејно издание на Моден Викенд Скопје. Станува збор за групата млади таленти, избрани по пат на отворен повик, која ја сочинуваа: Дана Ќосева, Мирјана Јосифоска, Хозе Белмонте, Радица Лазова, Катерина Димитрoвска и Марија Стојановска. Шестмината изразија волја да учат, експериментираат и се усовршат во ним сосема непозната сфера – плетењето.

Под менторство на дизајнерката Ирина Тошева, Здружението на жени „Цвет Крушево” и Светлана Димитријевиќ, со тридневна работилница и поединечни едукативни сесии, тие за неполн месец научија повеќе различни техники од подзаборавениот занает, преведувајќи ги на модерен начин во своите дизајни. Рачно сплетоа оригинални модели, работејќи индивидуално и во тандеми, а конечниот резултат имаше можност да го погледне како домашната, така и странската публика на настаност.

Ваквата иницијатива го проектираше не само нашето најсилно чувство за културен и социјален идентитет, туку е беше презентација на некои од најдобрите современи македонски производи.

Финалните производи беа презентирани со групен сценски перформанс, одржан на 2.ноември во Музејот на Град Скопје. Проектот „Нитка“ доби финансиска поддршка од Министерството за економија на Република Северна Македонија во 2019 година.