Во изминатиот период заедно со Викторија Митева и Орхан Камилов од Здружение на граѓани за културно-уметнички дејности Одоната во два дена одржавме работилници на коишто учесниците започнаа со своите изработки.
Од оризовиот отпад успеавме да направиме оризова хартија со рециклирани материјали, како што е сувото цвеќе за да направиме разнолика структура на хартијата. Овој мал експеримент на додавање рециклирани материјали се надеваме дека ќе придонесе во резултат на креациите.
Покрај оризовата хартија, започнавме и со првите чекори на уметничките предмети. Со ситно машински обработена оризова лушпа и слама и природно лепило од оризово брашно ги пресувавме под печатарска преса.
Следен чекор за наредната работилница: од материјалот да направиме неколку прототип-плочки, а подоцна да ги обоиме со еколошки пигментирани бои.
Покрај тоа што ја зајакнуваме меѓусекторската соработка, успеваме да ја подигнеме свеста кај возрасните и младите за големите можности што ни се пружаат преку употребата на обновливи извори на оризовиот отпад во најразлични индустрии и градиме капацитети и професионални вештини.
Едукативни активности се поддржани од Образование за вработување во Северна Македонија – E4E, проект поддржан од владата на Швајцарија.
Проектот „Земјоделските остатоци како текстилна и дизајн суровина во општина Кочани” на Македонското модно здружение, Скопје и Здружение на граѓани за културно-уметнички дејности ОДОНАТА. Проектот се спроведува во рамките на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).