Втор ИНФО ден од проектот “Fashion Employment Hub” во Струмица и Скопје

Втор ИНФО ден од проектот “Fashion Employment Hub” во Струмица и Скопје

Во рамките на проектот Fashion Employment Hub се оддржа и вториот ИНФО ден на две локации во Македонија. Овој проект e наменет за младите лица, ученици, студенти, млади дизајнери и претприемачи кои ќе продолжат и ќе помогнат во развитокот на модата во пограничниот регион Грција – Република Северна Македонија во доменот на дигиталната мода, дигитализацијата на производните процеси и секако циркуларната економија. Проектот е кофинансиран од Европската Унија и од националните фондови на земјите учеснички во Interreg IPA CBC програмата „Грција – Република Северна Македонија 2014-2020 година“, а Текстилното трговско здружение – Текстилен кластер заедно со проектните партнери и Македонско Модно Здружение, како и со говорниците – професионалци од текстилниот сектор, беа главните атрибути за исполнување на овој настан и пренесување на актуелните состојби во модната индустрија.

На 8. март во придружба на младите ученици од средното текстилно училиште „Никола Карев“ од Струмица, заедно со домаќините на настанот го започнавме нашиот вовед во настанот преку презентација на проектот од страна на проектните партнери за проектните активности и создавање на хабовите во пограничниот регион кои ќе помогнат за вработување на младите лица, преку поддршката за понатамошен развој на вештините и знаењата на младите. Секако, настанот во Струмица не помина без значајни дискусии за новитетите во текстиониот сектор и идниот развој на индустријата. Нешто подоцна ги претставивме и клучните фактори за промоција на младите дизајнери во оваа нова дигитална ера, што дополнително ги отвора хоризонтите на мултикултурна прекугранична соработка како во склоп на проектот така и за во иднина.

На 10. март ја продолживме инфо сесијата и во склоп на Моден Викенд Скопје во присуство на млади дизјанери и љубители на модата. Овој пат, Наташа Сивевска од проектниот партнер Текстилното трговско здружение – Текстилен кластер даде преглед на проектот и неговата важност за младите лица и за нивниот иден равој, Јасмина Чанева Лазевска, од VM3D – 3D Fashion Design, ги постави своите гледишта на кои cè начини еден млад дизајнер може да го испромовира својот дизајн направен со 3D технологија. Потоа ни се придружи Сања Ристески, професорка на универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, која зборуваше за развојот во модната индустрија, односно дигитализацијата, циркуларната економија и одржливоста. Своето знаење ни го пренесе и Ангела Доневска, одговорна за 3D облеката во компанијата „Solstitch“, која подробно ни ја објасни 3D модата и постапката при изработување на дигитална облека. Овие презентации ги затвори Искра Џокиќ Кецап која ја претстави својата колекција „Панта Реи“ како продукт на дигиталната модна изработка.

“Целта на проектот е подобрување на вештините на младите лица во однос на напредокот на индустријата за производство на облека. Мене ме радува што кај нас има млади луѓе и млади претприемачи кои ги следат светските трендови и се спремни да ги презентираат своите услуги во регионот и пошироко, а ние како проект ќе продолжиме да создававаме квалитетен кадар за текстилната индустрија. Овде би сакала да ја најавам следната проектна активност, организација на 4 студиснки патувања во новоформираниот во склоп на проектот „Fashion employment HUB” во Солун каде што 4 групи од по 10 млади лица ќе можат да се здобијат со искуства од услугите што ги нуди овој центар”, вели Наташа Сивевска извршен директор на Текстилното трговско здружение – Текстилен кластер.

Благодарение на овие настани и секако присуството и желбата на младите да навлезат уште подлабоко во светот на модата, дизајнот, дигитализацијата и одржливоста, успешно го завршивме и вториот ИНФО ден. Успеавме да поставиме теоретска основа, и да дадеме насоки во најновиот развој во текстилниот сектор, како и да направиме чекор понапред во развојот на македонската модната индустрија.

Големиот број на учесници на настаните кои се одржаа во средното текстилно училиште Никола Карев во Струмица и во склоп на Модната недела во Скопје го потврди големиот интерес на младите за модата и најновите актуелни модни текови.

Skills

Posted on

март 22, 2023

Skills

Posted on

март 22, 2023