Анета Попова (37) e дипломиран архитект, керамичарка и поетеса. Родена е во Скопје. Живеe во Скопје. И создава во Скопје. Не е човек што љуби да ги цитира другите, ако самата првин не ги проживее и доживее нештата во животот. Меѓутоа, постои една реченица од каталонскиот скулптор Корберо, во којашто целосно се пронаоѓа себеси. Она што таа го создава, мора да има некаква поетична, па дури и лирична нишка.
Ја посетивме во нејзиното студио на Матка, затекнувајќи како изработува чинија од мека теракотна глина, која по печењето ја доби препознатливата црвена боја. Нејзиното креативно катче е налик мини галерија со уметнички дела од глина кои самата ги има изработено. Оттука и ни проникна низа прашања, чиишто одговори ќе ни ја откријат есенцијата на македонската современа керамика, видена низ призмата на основачката на Lipa Ceramics.
- Која е Анета Попова, а што е Lipa Ceramics?
Малку ми е тешко да се ставам во некаква конкретна категорија. За себеси би рекла дека она што ме дефинира и ми ги одредува контуритe е мултимедијално и концептуално. Сакам да пробувам, да комбинирам и да правам сублимат од повеќе различни области, дејности, и уметности. Lipa Ceramics е само еден дел од сето тоа. И се однесува на функционалната керамика. Со Lipa Ceramics всушност започна моето запознавање со керамиката.
- Што те поттикна да зачекориш во светот на керамиката?
Mојата керамичка пракса започна со изработката на чинии. На почетокот многу наивно. Едноставно сакам убави чинии. И сакам да експериментирам со формата на чиниите. За мене чинијата е повеќе од предмет. Таа си има своја филозофија, до којашто треба да се доближите. Освен својата функционална намена, може да претставува и нешто друго, односно да биде скулптура во просторот. Преку неа може да се изразите на свој начин.
- Во што е убавината на современата керамика како занает?
Убавината е во тоа што има многу можности во однос на комбинирање на материјали. Зависно од тоа како лично сакате да се ангажирате во занаетот, постојат можности за многу различни експериментирања. Мене тоа ми е возбудливо и интересно, затоа што е поврзано со моќтa на трансформацијата. Тоа е нешто што ме врзува за керамиката. Што постојано сум сведок како нештото се преобразува. На некој начин, се задоволува некоја моја потреба, за повторно и одново раѓање.
- Какво е чувството да се работи со глината како материјал?
Работењето со глина навистина смирува. Ве внесува во својот свет. И во спиралата по којашто се врти самата глина. А, глината како материјал е жива. Сè она што ќе го манифестирате како енергија, како чувство и мисла, потоа се рефлектира директно и на самиот материјал.
- Дали и кому се „наменети’ твоите керамички изработки?
Дел од она што го создавам е функционална керамика. Нешто кое може да се користи во секојдневието. А, другиот дел е нешто малку поапстрактно и попоетично. Oна што ги поврзува и двете е некој вид на минимализам. Сакам тоа што го создавам да биде јасно сфатливо и препознатливо. Лесно да се почувствува и прочита. Не цртам на керамика. Барем сега за сега. Во моментот тоа не ме предизвикува.
- Што е опачината на керамичките маски со твоето лице?
Создадов вкупно четириесет и четири маски за време на карантинот минатата пролет. Сè започна случајно и мислев дека ќе заврши по првите неколку дена. Меѓутоа, секој ден поминат дома, колку и да ни се чинеше едноличен, сфатив дека на некој начин носи и нешто ново. Најмногу во нашата внатрешна состојба. Така и секој нареден отпечаток од моето лице беше различен од претходниот. Сите маски се бели, но различно бели. Различна е структурата и големината. Различна е енергијата. Секоја маска си има свој личен карактер.
- Која е пораката што може да се прочита од твојата естетика?
Не сакам совршени форми. Не сакам совршенство. Иако, да, знам да се восхитувам на нешто што се доближило доволно блиску до истото. Меѓутоа, кога работам, имам тенденција малку да ги изместувам работите од нивната оска. Да предизвикам некаква колизија или пукнатина или гребнатина. Што и да е што ќе го покаже всушност оној судир или допир со животот и со животната енергија.
- Постои ли формула за успех во оваа професија?
Керамиката е комлексна дејност. Таа е и наука. И уметност. И занает. Доколку сакате да напредувате и да искористите што повеќе од нејзиниот потенцијал, мора постојано да вложувате и да работите. Драго ми е што преку мојот личен ангажман, во можност сум повеќе да се доближам и да видам каков е односот на светот кон керамиката. На тој начин и јас самата се испробувам во насоки кои можеби порано ми делуваме недофатливи.
- Што ти претставува керамичарски предизвик во иднина?
Mе интересира текстурата и структурата на материјалот. Во наредниот период сакам да се посветам што повеќе на изработка и експериментирање со глазури, преку коишто ќе дојдам до поинакви ефекти. Не како изглед на керамиката. Повеќе како кожа на керамиката. Како чувство и допир.
- Каков совет би им дала на младите кои допрва ќе зачекорат по твоите стапки?
Интересот да се започне нешто ново, нешто свое или да се научи занает сè повеќе расте. Мој совет кон младите занаетчии и оние што сакаат да учат некој занает е дека треба да бидат упорни и посветени. Упорноста, посветеноста и трпението се особено важни во создавањето керамика. Тие три начела на свој едноставен начин нè носат понатаму на патот што сме го избрале.
Aвтор: Mилан Атанасов. Фото: Света Богова Јовановска